Култура Кочо Рацин

Велешките гимназијалци премиерно ја одиграа претставата „Кој го уби Сонцето“

Инспирација влечам од сите аспекти од животот, од она што го гледам околу мене од приказните што ги слушам и она што сите сме повеќе од свесни дека ни се случува, изјави Мартинов.

Велешките гимназијалци премиерно ја одиграа претставата „Кој го уби Сонцето“

Во преполната сала на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, средношколците од драмската секција на гимназијата „Кочо Рацин“ премиерно ја изведоа претставата „Кој го уби Сонцето“ која ја обработува таканаречената „Бела чума“.

Текстот го напиша ученикот Кристијан Мартинов, кој игра една од главните улоги во претставата. Мартинов го има направи и дизајнот на постерот за претставата.

Пораката на претставата е дека најубаво е да се живее дома, таму каде што топлината на Сонцето е најсилна.

– Самата претстава, односно сценариото поставува неколку прашања кои ние во час и половина во претставата ќе се обидеме да ги одгатнеме. Што значи зборот Дома и дали зборот Дома полека го губи своето значење. Што значат корењата и дали ние некогаш ќе можеме да се ослободиме од нашите корења. Инспирација влечам од сите аспекти од животот, од она што го гледам околу мене од приказните што ги слушам и она што сите сме повеќе од свесни дека ни се случува, изјави Мартинов.

Посочи дека и тој самиот многу често размислува дали може да ги отсече неговите корења.

– Растејќи во Велес секогаш бев опкружен со приказни за луѓе кои го напуштаат својот дом во потрага по подобри услови. Оваа претстава е начин да истражам што значи да оставиш дел од себе зад себе. Како тоа влијае на личноста и дали навистина можеме да го оставиме тој дел зад себе засекогаш зад нас, истакна Мартинов.

Покрај него во претставата играат и Изабела Жабева,Катја Зафирова,Филип Настов,Димитар Коцев,Марио Заеков,Викторија Панзова,Ива Ракиџиева,Матеј Славески,Анастасија Крлева,Марко Стојановски,Милена Димова и Лана Басаров.

Во музичкиот дел настапија учениците Кристина Станишева виолина и Матеј Богатинов акустична гитара. За шминката се погрижи ученичката Александра Панова, а за фотографија Ивана Јанкуловска.

Претставата е подготвена под менторство на професорките Александра Стојановска, Весна Павлова, Магдалена Сарагинова и Цветанка Карамаркова.

Претставата беше одриграна во рамки на повеќедневната програма за одбележување на 116 години од раѓањето на нивниот патрон Коста Солев Рацин.

Во холот на училиштето беше отворена и изложба со уметнички дела насловена „Рацин во срцето“, а беше претставено и специјалното издание на училишниот весник „Гимназијалец“ кој го уреди професорката Магдалена Сарагинова, а 23 ученици учествуваа со свои текстови и прилози.

Најнови вести од Култура

To top