Култура споменот за Тоше живее

„Тоше те сакаме“ – емотивен културно- уметнички настан во чест на Тоше Проески

„Тоше те сакаме“ – емотивен културно- уметнички настан во чест на Тоше Проески

Со силни емоции, насмевки и искрена почит кон ликот и делото на Тоше Проески, вчера во аулата на ОУ „Лазо Ангеловски“ во Општина Аеродром се одржа културно-уметничкиот настан „Тоше те сакаме“.

Настанот беше топла и достоинствена почит кон музичката и човечка големина на Тоше Проески, обединувајќи деца, млади, наставници, родители и граѓани околу заедничката порака дека споменот за Тоше живее и продолжува да инспирира.

Програмата вклучуваше музички настапи, изведби на песни од Тоше Проески, детски и ученички перформанси, како и изложбен и културен сегмент, преку кои на достоинствен и искрен начин беше оддадена почит на неговото трајно културно наследство.

На настанот настапија: Огнен Здравковски, Марија Спасовска, Тамара Волческа, Владимир Поповски, Мартинијан Кириловски, Наде Талеска, Lili Acoustic и Васил Ангелов.

„Тоше те сакаме“ е иницијатива на жителите, а беше поддржан и ко- организиран од Општина Аеродром, во соработка со детските градинки и основните училишта од Општина Аеродром, како и со партнерите Lions in Move, Boemot и RVR Brend.

Влезот за настанот беше бесплатен, а сите учесници-музички уметници, изведувачи и партнери учествуваа доброволно и без финансиски надомест, со што целиот настан беше реализиран без финансиски трошоци, воден исклучиво од желбата за заедништво, култура и почит.

Настанот „Тоше те сакаме“ уште еднаш покажа дека споменот за Тоше Проески не е само минато, туку жива вредност што ги поврзува генерациите и ја негува хуманоста, музиката и љубовта како универзални пораки.

Најнови вести од Култура

To top