Култура ОРИОН – кадешто се раѓаат ѕвездите

Свечен концерт по повод патрониот празник на Факултетот за музичка уметност

Влезот е слободен.

Свечен концерт по повод патрониот празник на Факултетот за музичка уметност

Традиционално секоја година Факултетот за музичка уметност, Универзитет „Св Кирил и Методиј“ во Скопје го реализира свечениот концерт по повод патрониот празник. Овогодинешниот концерт се одржува на 5 декември со почеток во 20 часот во големата сала на Македонската филхармонија.

Насловот на концертот „ОРИОН – кадешто се раѓаат ѕвездите“ е метафора за создавање и раѓање на нови ѕвезди, односно перманентно генерирање на нови музички и балетски кадри кои се дел од најзначајните институции од културата во Македонија, но едновремено се и распрснати сјајни ѕвезди на светското уметничко небо. Преку овој концерт се заокружуваат активностите кои се случиле во претходната година и се обликува еден уметнички продукт составен од претставници на сите катедри на факултетот но и од сите ансамбли.

На големата сцена ќе се претстави симфонискиот и камерниот гудачки оркестар „Солисти на ФМУ“, мешаниот хор „Драган Шуплевски“, оркестарот од народни инструменти и вокални солисти, балетски изведувачи како и вокалисти и инструменталисти од Катедрата за џез и популарна музика.

Програмата ја одразува широчината на профилација на изведувачите која е резултат на долгорочната стратегија на факултетот за создавање на квалитетен и високостручен кадар. Посетителите вечерва ќе уживаат во композициите на Пурсел, Сен-Санс, Прокофјев, Тиле/Вајс, Коен, Сусато, Горецки, Гершвин, но и изворни композиции од богатата македонска ризница. Оркестрите вечерва ќе бидат под диригентската палка на нашите еминентни диригенти, воедно и професори на ФМУ, проф. м-р Борјан Цанев, проф. м-р Сашо Татарчевски и доц. м-р Ангел Спироски.

Овој концерт го одбележува педесет и девет годишното опстојување и подем на Факултетот за музичка уметност и претставува можност да се проследи младоста, талентот и посветеноста на музичката иднина на Македонија. Иднина која допрва ќе го заземе своето место во културниот мозаик на замјата. За сите љубители покана да уживаат вечерва во извонредните музички изведби.

Влезот е слободен.

Најнови вести од Култура

To top