Во галеријата Мала станица вечер од 20 часот ќе биде отворена самостојна изложба на младата уметница Мила Добревска, насловена „Ескапизам: Меморијата и идентитетот”.
Кураторот Стефан Александар Јовановски во освртот вели дека самостојната изложба на Мила Добревска „го истражува човековиот копнеж за ослободување преку живи, емоционално наполнети дела инспирирани од македонското наследство и модерната интроспекција“.
-Во делата на Мила, ескапизмот станува мост меѓу минатото и сегашноста. Македонските традиции, како орото или сложените дезени на везовите, со генерации служеле како бегство, нудејќи радост, заедништво и отпорност во тешки времиња. На сличен начин, нејзините смели и контрастни композиции нè повикуваат да размислиме како денес создаваме моменти на занес – преку уметност, имагинација или саморефлексија…Делата не се само визуелно уживање, туку и покана за размислување: Дали ескапизмот е само бегство или е и пат за рефлексија и лична трансформација? Како традициите, кои некогаш биле прибежиште, стануваат дел од нашиот модерен идентитет? Што значат обредите и уметноста во контекст на современите човечки „занеси“?, наведува кураторот Јовановски за изложбата на Добревска која ќе може да се посети до 22 декември.
Мила Добревска (1999, Скопје) неодамна магистрирала на Академијата за ликовни уметности во Равена, Италија, со специјализација во современ мозаик. Таа е активен член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија ДЛУМ и МАРТЕ Асоцијацијата за современ мозаик.
Досега имала три самостојни изложби – во Скопје, Барселона и Љубљана и учествувала во голем број групни изложби и на натпревари на интернационално ниво, од кои ги издвојува презентациите на нејзините дела во земјава и во Италија, Франција, Шпанија, Србија, Полска, Словенија.