Култура Стихозбирка

Промоција на „Како настанува црната“ од српската поетеса Марија Костиќ

Книгата низ разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска.

Промоција на „Како настанува црната“ од српската поетеса Марија Костиќ

Стихозбирката „Како настанува црната“ од Марија Костиќ (Србија), препеана од српски на македонски од Јулијана Величковска, издание на „ПНВ Публикации“, ќе биде промовирана вечер, со почеток во 20:00 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје.

Книгата низ разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска.

-Постои фундаментално недоразбирање меѓу субјектот на стихозбирката „Како настанува црната“ и остатокот од светот: затоа таа забележува дека човекот е најосаменото место на планетата. Нејзината егзистенцијална ранливост и хиперсензитивност се поврзани со (авто)деструктивното, темното и мистичното во кои се рефлектираат убавината и неизбежноста на процепите, грешките и несовршеностите. Семејните односи заземаат централно место во тематскиот опсег на оваа книга. Лирската хероина, во истовреме и дете и родител, ги реактивира најразновидните сеќавања за нејзината мајка, татко, баба, дедо и сестра, разобличувајќи го прашањето за самореализацијата, но и за творечкиот чин. Нејзината инспирација од телото и телесното се отсликува во бројни метафори преку кои предизвикува различни состојби и чувства, особено во песните, коишто, по својата форма, влегуваат во дијалог со неоавангардната поезија. Телото во оваа книга е тело што страда, што е болно и што е поврзано со кошмари, со смрт и во болничко опкружување, но исто така, тоа е тело што копнее по блискост, уживање и страст. Затоа таа остава црни траги на белата хартија и покрај целата палета бои во кои си ги пика прстите; тие прсти се прстите што пишуваат, а рацете се рацете што земаат, што даваат, што се подаваат, и за кои се држиме, пишува Катарина Пантовиќ за книгата.

Марија Костиќ (1985, Белград) е дипломиран филозоф и магистер по политика и менаџмент во културата и уметноста. Нејзини песни се објавени во книжевната периодика, а во 2022 година ја објавила и нејзината прва стихозбирка „Како настанува црната“ (Књижевна радионица Рашиќ, Белград) за која има добиено значајни книжевни критики, а од книжевните критичари беше номинирана и за наградата „Меша Селимовиќ“, што секоја година ја доделува српскиот весник „Вечерње новости“. Нејзини песни се преведени на македонски и на француски јазик.  (МИА)

Најнови вести од Култура

To top