Култура Музејот на македонската борба

Промоција на „Името: болка и екстаза“ од Коцарев и Клетников

За време на промоцијата на книгата ќе се промовира и нацрт-резолуција за Меѓународен ден за осуда и спречување на геноцидот врз Македонците.

Промоција на „Името: болка и екстаза“ од Коцарев и Клетников

„Матица македонска“ ја објави книгата „Името: болка и екстаза“ од академикот Љупчо Коцарев и писателот Ефтим Клетников. Ова значајно дело со македонски есеи ќе биде промовирано во Музејот на македонската борба, денес, 18 јуни (среда) 2025 година, со почеток во 18 часот.

Промотори на изданието ќе бидат д-р Трајче Стојанов, професор и Христо Ивановски, новинар и поет. Во музичкиот дел на промоцијата ќе настапат хорот на пензионери „Елегија“ при општина Центар, под водство на Валери Стефановски и маестро Борис Трајанов.

– Македонците во модерната европска цивилизациска ситуација се сами и осамени во него. Сепак, и покрај сè, тие го знаеле и го знаат и денес излезот од тој темен лавиринт на цивилизацијата што ги ништи и се на самиот излез од него, но тука, наместо невиниот црн бик во центарот на класичниот митски лавиринт, сега во модерниот ги чека ѕверот на цивилизацијата настрвен на нив: Преспа 2018, отсечување на македонската идентитетска глава од иродовскиот Брисел и танцот со неа на новата постмодерна ЕУ – Саломе во Брисел и во Атина. Сега, засега. А нејзиниот крвав танц со таа мартирска глава е закажан и во Софија. Којзнае следниот пат уште кај. Сеедно. Но Македонија и Македонците и понатаму постојат како „ремек-дело на траење“, на постоење дури и зад бескрајот и вечноста. Толку многу е неуништливо тоа Господово семе, таа генетика на македонското битие, пишуваат Коцарев и Клетников во предговорот на книгата.

Денес, за време на промоцијата на книгата ќе се промовира и нацрт-резолуција за Меѓународен ден за осуда и спречување на геноцидот врз Македонците.

To top