За книжевноста треба да се пишува, за книжевноста треба да се зборува. Токму тоа го прави Санде Стојчевски во својата нова книга, која овие денови се појави во издание на издавачката куќа „Полица“.
Во неа, соопшти денеска „Полица“, нашиот поет и долгогодишен книжевен деец, на едно место ги има сместено критичките осврти што тој ги има пишувано изминатите години, а кои се однесуваат на поетски дела на Чедо Јакимовски, Ристо Василевски, Ристо Лазаров, Славе Ѓорго Димоски, Славчо Ковилоски, Елена Пренџова, Стефан Марковски и Павлина Атанасова; проза на Митко Маџунков, Билјана Станковска, Душан Стојковиќ или на научната студија на Иван Антоновски.
На критичките осврти им претходат два есеја за моќта на песната, а во третиот дел од книгата се сместени разговорите, односно интервјуата што низ годините со Стојчевски ги правеле бројни новинари, на бројни медиуми.
Санде Стојчевски е роден на 16 септември 1948 година во с. Студена Бара, Кумановско, 16.9.1948 година е поет, литературен критичар, есеист, антологичар, полемичар и преведувач. Автор е на 20 поетски збирки, како и на 18 книги со поетички текстови, есеи, критики и полемики. Објавени се и неколку избори од неговата поезија и есеистика во Македонија, потоа избрани дела во шест тома, како и десет поетски избори на странски јазици. Составил девет антологии на македонската поезија и критика. Добитник е на сите позначајни домашните награди за поезија и за критика во РСМ и на неколку меѓународни награди за поезија. Носител е и на државната награда за животно дело „Св. Климент Охридски“, како и на наградата „Книжевен жезол“ на ДПМ.