Култура афирмација

Почнува 6. Меѓународен фестивал на кларинет и саксофон „СаксКлар“

Фестивалот „СаксКлар“ почна во 2017 година, преку лична заложба и ангажман на саксофонистот Нинослав Димов.

Почнува 6. Меѓународен фестивал на кларинет и саксофон „СаксКлар“

Во Музејот на македонската борба во Скопје денеска и утре ќе се одржува 6. Меѓународен фестивал по кларинет и саксофон „СаксКлар“.

Фестивалот ќе почне вечер во 20:00 часот со гала концерт на кој ќе бидат изведени стилски разновидни, но и виртуозни композиции од светската литература за кларинет и саксофон, а ќе настапат најреномираните македонски кларинетисти и саксофонисти, меѓу кои Стојан Димов, Здравко Ангелов, Арбен Асланај, Анел Селим, Теодор Љушкоски, Сашко Темелкоски, Спире Јовановски, Горан Трајковски и Нинослав Димов, во пијано придружба на Марија Вршкова и Маја Поповиќ Караиванова.

Втората фестивалска вечер концерт ќе одржи саксофон квартетот „СаксКлар“, во чиј состав членуваат Ѓорѓи Димовски на сопран саксофон, Горан Трајковски на алт саксофон, Григори Ангелов на тенор саксофон и Нинослав Димов на баритон саксофон. Овој концерт е колаж од стилски разновиден репертоар, кој на публиката во целост ќе ја пренесе уметничката естетска разностраност на камерниот состав од овој вид.

Фестивалот „СаксКлар“ почна во 2017 година, преку лична заложба и ангажман на саксофонистот Нинослав Димов. Целта е што поголема афирмација и промоција на кларинетот и саксофонот. Фестивалот исто така претставува и можност за поголема професионална соработка на кларинетистите и саксофонистите од регионот, но и пошироко.

На оваа традиционална манифестација што се одржува секоја година, имаат настапено многу реномирани светски уметници, како Детлеф Бенсман, Матиас Милер, Жан Мишел Бертели, Матјаж Древеншек, Огњен Поповиќ, Вељко Кленковски, Драган Сремец.

To top