Култура По повод 21 Март - Светскиот ден на поезијата

Омаж за Петре М. Андреевски- Расветлување на неговиот животопис и творечки опус

Оваа година се навршуваат 90 години од неговото раѓање и во негова чест во рамки на проектот ќе биде презентиран видеозапис што ќе го потенцира големото значење и трајната вредност на делото на Петре М. Андреевски.

Омаж за Петре М. Андреевски- Расветлување на неговиот животопис и творечки опус

По повод 21 Март – Светскиот ден на поезијата, денеска во Културно-социјалниот простор Центар- Јадро ќе се одржи омаж за Петре М. Андреевски – Расветлување на неговиот животопис и творечки опус.

Општина Центар го реализира овој проект посветен на пишаниот збор и ќе му го посвети на Петре М. Андреевски.

Оваа година се навршуваат 90 години од неговото раѓање и во негова чест во рамки на проектот ќе биде презентиран видеозапис што ќе го потенцира големото значење и трајната вредност на делото на Петре М. Андреевски.

Присутните гости ќе имаат можност и да се потсетат на дел од неговиот творечки опус.

Петре М. Андреевски (1934 – 2006) беше македонски поет, романсиер, раскажувач, драмски автор. Пишуваше стихови, раскази, романи, драми и филмски сценарија. Романот „Пиреј“ македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза, а збирката „Дениција“ ја има означено како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.

Петре М(иланов) Андреевски е роден на 25 јуни 1934 година во селото Слоештица, Демир Хисар. Основно образование завршил во родното село, а гимназија во Битола. По завршувањето на средното образование студирал на Филозовскиот факултет во Скопје, на групата југословенска книжевност.

По завршувањето на студиите Андреевски работел во Македонската телевизија. Долги години работи како уредник во МРТВ, а бил и уредник на списанието „Разгледи“. Од 1964 година бил член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), а од 1983 година и претседател на друштвото. Андреевски бил член и на Македонскиот ПЕН-центар.

Петре М. Андреевски од мај 2000 година е член и на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Своето место во МАНУ тој го заслужи со своето творештво кое е разновидно и опфаќа романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност.

Во текот на неговиот живот и постхумно објавени се стихозбирките: „Јазли“ (1960), „И на небо и на земја“ (1962), „Дениција“ (1968), „Дални наковални“ (1971), „Пофалби и поплаки“ (1975), „Вечна куќа“ (1987), „Лакримариј“ (1999); потоа книгите со раскази: „Седмиот ден“ (1964), „Неверни години“ (1974), „Сите лица на смртта“ (1994), „Боеми“ (постхумно); како и романите: „Пиреј“ (1980), „Скакулци“ (1983), „Небеска Тимјановна“ (1988), „Последните селани“ (1997), „Тунел“ (2003), „Бежанци“ (постхумно). Исто така ја објавува книгата драми (1984), во која влегуваат: „Време за пеење“ и „Богунемили“, потоа есејот „Сегашно минато време“ (2006) и има објавено и две збирки стихови за деца (“Шарам барам“ и “Касни порасни“).

Најнови вести од Култура

To top