Здружението за уметност и култура „Дијалог“ ја објави книгата „Книжевната критика за поезијата на Раде Силјан“ по повод 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата поетска книга на Раде Силјан.
-Книгата е поделена на три целини, при што во првиот дел се поместени критики што се однесуваат на севкупното поетско творештво на Силјан до одредени различни периоди или, пак, критики во кои прочитот/анализата на одделна поетска книга поттикнал нови согледби и воопшто за спецификите на Силјановата поезија осврнувајќи се и на неговото творештво што претходи на книгата што била првичен предизвик за критичка рецепција на некој од авторите. Во вториот дел на книгата се поместени критки за одделни поетски книги во кои се издвојуваат специфики и на одделни развојни фази/кругови на творештвото на поетот, додека третиот дел е избор од странската критика за поезијата на Силјан, соопшти „Дијалог“ за изданието.
Иван Антоновски е приредувач на изданието и автор на предговорот во кој, меѓу другото, наведува дека Раде Силјан е „еден од авторите што со сето она што како поет го има вградено во вертикалата на современата македонската поезија е еден од современиците-стожерници на македонскиот книжевен канон“.
-Оттука, јубилејните 75 години од раѓањето и 50 години од објавувањето на првата стихозбирка на Силјан се само повод за оваа книга на која се работеше неколку години наназад. Причината е многу посуштинска, и не се однесува одделно (само) на творештвото на Силјан, туку на современата македонска книжевност. Поконкретно, оваа книга е остварување на дел од долгот што го имаме кон неа, особено кон нејзината историја … Оваа книга има за цел да овозможи сето напишано и кажано досега да се има предвид во натамошното (пре)вреднување и во испишувањето на новите страници на нашата книжевна историја, посочува Антоновски во предговорот.
Раде Силјан е поет, критичар, есеист, книжевен истражувач, преведувач и антологичар. Автор е на 23 стихозбирки. Добитник е на највисоките признанија за поезија кај нас: наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија, на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на уметноста, како и на меѓународни признанија за поезија. Поезијата на Силјан во посебни книги е преведена на 15-ина јазици.
По повод јубилеите, Здружението за уметност и култура „Дијалог“ претходно објави и избор од поезијата на Раде Силјан – „Лажно време“. (МИА)