Култура 14 до 18 јануари

Неделата на претстави од независнта продукција во Драмски театар Скопје

Од Драмски театар Скопје информираат дека билетите за гостувањата на независната сцена од 14 до 18 јануари се пуштени во продажба и ја покануваат публиката да ја искористи можноста да ги проследи и да ги поддржи петте претстави од поновата продукција на независната сцена.

Неделата на претстави од независнта продукција во Драмски театар Скопје

Традиционалната поддршка на Драмски театар Скопје на колегите од независната сцена продолжува и годинава. Театарот ги отстапува за гостување сцената „Ристо Стефановски“ и „Малата сцена“ на театарот како и потребната техника со што овозможува изведба на новите претстави и презентирање на иновативни, автентични и квалитетни театарски проекти. На сцените на Драмски театар публиката од 14 до 18 јануари ја има можноста да проследи пет претстави во продукција на пет ансамбли од независната сцена. Сите претстави почнуваат во 20 часот.

Со поддршката на независната сцена Драмски театар иницира создавање на силна мрежа на театарската заедница од различни генерации актери, режисери, драматичари, сценографи, костимографи и мултимедијални уметници. „Неделата на претстави од независнта продукција“ е замислена како платформа за контакти на уметници кои внесуваат свежина, динамика, понекогаш и неконвенционален пристап во процесот на создавање на театарските претстави, што може да води до идни соработки, копродукции и проекти.

Неделата на независна сцена на 14 јануари ја отвора продукцијата „Артема -театарска лабораторија“ со претставата „Еволуција на распадот“ работена по „Отело“ на Вилијам Шекспир. Режијата е на Дамјан Димовски, а ликовите во претставата ги играат: Јаго – Илин Јовановски, Отело – Бранко Михајлоски, Дездемона – Леонида Гулевска, Емилија – Илина Чонкова, Касио – Тодор Стојковски, Родриго – Ѓорѓе Нешковиќ. Музички Соработник е Дарко Спировски.

Драмски театар Скопје

Во среда на 15 јануари со претставата „Безвремени приказни“ на продукција „Независна“ ќе се претстават: Исидор Јованоски, Ана Левајковиќ-Бошков, Хакан Даци и Нела Павловска. Кореографијата е на Ирена Лозинска. Станува збор за перформанс со карактер на танцов тетар што обработува теми од авторот Франц Кафка. Доријан Миловановиќ направи видео арт за перформансот, а музички соработник и композитор на претставата е Енес Беговски.

Драмски театар Скопје

Со претставата „Среќен мртовец“ во четврток на 16 јануари ќе се претстави продукцијата „Алтернативен Театар Отпишани – Скопје“. „Среќен мртовец“ е сатирична драма за живиот мртовец Живко. Во програмската белешка за претставата се вели дека: „Од моментот кога поради системска грешка Живко добива решение дека починал, неговиот живот се претвора во пекол и борба со нефункционалниот државен систем, бирократија и административни лавиринти. Преку еден апсурден начин, во својата борба да докаже дека е жив, Живко го соголува до гола кожа државниот апарат и сите негови слабости“. Автор е Марјан Анѓеловски, режијата е направена со заедничка промисла на уметничката екипа, а улогите ги играат: Благој Чоревски, Ирена Илиевска, Марија Лазарова, Ивана Стамевска, Огнен Велевски, Кирил Трајковски Максим и Јасмин Рамани.

Драмски театар Скопје

На 17 јануари во петок со претставата „Казабалкан“ од Горан Стефановски, а во режија на Дамјан Костовски ќе настапи актерска екипа: Мирјана Трпковска Коствска, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Јана Вељановска, Васко Костовски, Марина Поп Панкова, Христијан Поп-Симонов, Теоман Максут и Саша Димитриевска. Претставата на духовит начин ги отвара мрачните страни на човековата судбина и последиците од војната. Во центарот е обичниот човек кој не по своја вина повторно се наоѓа на тенката линија помеѓу животот и смртта. Продуцент и сценограф е Екатерина Николовска, костимограф е Екатерина Добривојевска, а композитор е Бојан Филиповски.

Драмски театар Скопје

Продукцијата на Театар „Златен Елец“, годинава во Драмски театар ќе настапат со претставата „Добри луѓе“ во петок на 18 јаниари. Адаптацијата и режијата се на Тамара Стојаноска. Станува збор за дуодрама работена според текст на Данкан Мекмилан. Преведодот го направи Наташа Пеевска. „Драмскиот текст „Добри луѓе“ ги испитува емоционалните последици од справувањето со огромната климатска криза и тешките одлуки што секојдневно мораме да ги донесеме како поединци и како општество. Се поставува и прашањето дали сме добри луѓе и дали воопшто можеме да бидеме добри луѓе во ваков анксиозен и пластичен свет исполнет со глобална вознемиреност, лоши навики, тероризам, непостојани временски услови и политички немири“ се вели во најавата на продукцијата. Во претставата играат актерите Тијана Трајчевска и Филип Христовски. Во уметничкиот тим на претставата се и артистите и извршниот продуцент на претставата Бобан Алексоски. Музиката е на Ива Дамјановски, фотографиите се на Данчо Стефков, а дизајнер на постер и рекламен материјал е Бојана Цилевска.

Драмски театар Скопје

Од Драмски театар Скопје информираат дека билетите за гостувањата на независната сцена од 14 до 18 јануари се пуштени во продажба и ја покануваат публиката да ја искористи можноста да ги проследи и да ги поддржи петте претстави од поновата продукција на независната сцена.

За редовниот репертоар на Драмски во месец јануари важи промоцијата за купување на блок билети во износ од 1.400 денари за седум претстави и вториот избор на блок билети со вкупна цена од 1.200 денари за четири претстави.

To top