Вчеравечер, среда, 10-ти декември малата сала на Македонската филхармонија беше претесна да ги прими сите посетители кои дојдоа на промоцијата на еден несекојдневен уникатен и пред се оригинален мултимедијален проект. Збир на лирски записи, песни и драмски текст – „три во едно“ поврзани како со папочна врвца во навидум нераскинлива врска, а сепак секој сегмент од ова парче уметност може да се одвои како целина за себе.

„Три срца на љубовта“ збрани во една книга на авторот Митко Чешларов, инаку син на легендарниот македонски музичар, автор и музички продуцент, покојниот Благоја Чешларов, како што самиот рече при преставувањето на проектот, сето она што како инспирација лежело во него, а како веќе напишани стихови или запишани ноти ги собирал низ годините, неодамна решил да ги спакува во три различни форми како постмодерен мозаик на срцето во една книга. Книга која нема намера да им се покори на книжевните правила зашто е правена најпрвин за себе, а потоа за сите други, кои во универзалното ќе го препознаат личното, зашто се хранети од ист извор – срцето!

„Ако со години во туѓите песни барав да се препознаам себе си, сега решив во моите другите да се препознаат“ – рече Митко Чешларов во своето излагање на крајот од промоцијата, појаснувајќи ја и идејата и намерата и желбата и потребата да го направи она кое со години го акумулирал во себе, истурајќи го сиот свој уметнички потенцијал вткаен во проектот.

Впрочем како што и самиот ќе напише во воведот на „Три лица на љубовта“: „Читајќи ја, книгата може да се доживее како исповед, а може секој да ја почувствува и како своја приказна… Зашто љубовта, осаменоста, копнежот и надежта се секогаш лични и секогаш заеднички“!

А промоцијата започна со вовед во поезијата на Чешларов, со уметничка изведба на дел од неговите стихови кои на маестрален начин ги рецитираше македонската актерка и пејачка Жаклина Стевковска, која подоцна и самата беше еден од изведувачите на песните во музичкиот дел.

По нејзината изведба на лирски записи проткаени со театарски сегменти почнаа да се редат и музичките изведби на пејачите кои ги изведуваа песните на авторот. Нив во истиот стил ги најавуваше Драги Павлевски.

Маестралните настапи на помладите Мариана Бошковска, Ана Петановска, Агни Авшар…

…Веќе проверените и добро познати македонски музички имиња Горан Наумовски, Биба Додева, Жаклина Стевковска…

И секако, легендата на македонската забавна песна, Зорица Поп Панкова беа проследени со громогласен аплауз и воодушевување... Особено емотивен беше настапот на македонската забавно-музичка дива Поп Панкова, која како јаготка на шлагот на музичката торта на себесвојствен, длабоко емотивен и носталгичен начин ја донесе својата нумера „Поминува се“, што публиката го испрати со стоечки овации и неколкуминутен аплауз.

На крајот авторот Митко Чешларов во своето кусо обраќање меѓудругото им се заблагодари на сите учесници, соработници, помагатели, пријатели и сите останати кои учествувале во создавањето и реализацијата на проектот.

А мноштвото од нив беа во салата, како и бројните претставници на медиумите, но и обичните љубители на ваквиот редок вид уметност во една несекојдневна вечер, каде емоциите, носталгијата и топлината на стиховите и музиката лебдеа во воздухот милувајќи ја душата… Вечер кога „љубовта се врати во нашите прегратки“.

На крајот авторот ја најави и премиерата на третиот сегмент, третото уметничко лице во книгата – драмската претстава „Кој сум јас“ закажана за напролет и ги повика сите присутни на заедничка дружба со мини коктел во фоајето на Македонската филхармонија, каде се разменуваа впечатоците, водеа муабети, даваа изјави за медиумите, а авторот Митко Чешларов делеше и потпишуваше примероци од својта книга „Три лица на љубовта“.