Македонскиот камерен оркестар „Профундис“ вечер ќе настапи на фестивалот „Софиски музички недели“ (Sofia Music Weeks) во Софија. Овој фестивал на класичната музика, со традиција од 55 години, е познат по својата извонредна програма и високи уметнички стандарди.
По серијата успешни меѓународни гостувања на фестивалите Котор Арт, Раванелиус и гостувањата во Нови Сад, Белград и Италија, „Профундис“ првпат ќе се претстави пред публиката во Софија.
-Многу сме возбудени и со задоволство ја прифативме поканата да настапиме на фестивалот „Софиски музички недели“. Вечерашниот концерт е посебен за нас, не само поради репертоарот, туку и поради можноста да споделиме музика со нашите пријатели и колеги од Бугарија. Верувам дека ова ќе биде незаборавна вечер за сите нас, изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.
На концертот, што ќе се одржи во престижната сала „BIAD“ во центарот на Софија, ќе настапат македонскиот виолинист Климент Тодороски и бугарската басистка Маргарита Калчева. Тие ќе изведат Концерт за две виолини од Ј.С. Бах, во специјален аранжман за овие два инструменти. Покрај ова ремек-дело, на програмата ќе бидат изведени и дела од современиот македонски композитор Драган Шуплевски, англискиот композитор Густав Холст, бугарскиот композитор Димитар Христов, како и американскиот композитор Филип Глас.
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој постои веќе пет години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во земјава, Националната опера и балет и Националната филхармонија. (МИА)