Објавено е второто издание на книгата „Лингвистичките дела на Олга Иванова“, од Васил Дрвошанов, единствена монографија во Македонија во која се обработува севкупното творештво на еден лингвист.
Книгата е објавена по повод 85 години од раѓањето на Олга Иванова и осум години од нејзината смрт, од страна на лингвистот, критичар и поет Васил Дрвошанов, дело во кое се анализираат нејзините единаесет монографии, објавени од авторката.
– Таа е првиот научен истражувач од Македонија што се стекна со титулата доктор по филолошки науки од областа на македонската ономастика (наука за сопствените имиња) и прва жена, која беше директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, се појаснува во соопштението од Дрвошанов.
Во монографијата Васил Дрвошанов одделно ја анализира секоја книга на Иванова, а на крајот ги синтетизира главните состојки од целиот нејзин опус. Тој нагласува дека главен признак на лингвистичките дела на Олга Иванова е македонстовото.
– Ставот за самобитноста на македонскиот јазик, проткаен во сиот нејзин опус, секогаш е поткрепен со
агрументи, а нејзин најсилен аргумент е научната вистина. Голема заслуга на Иванова е расветлувањето на илјадници македонски топоними и антропоними. Книгите на Иванова се најдобар доказ дека македонскиот јазичен етнички простор има милениумски традиции. Тие се најцврстата потврда дека македонскиот народ има длабоки корени, опстојувајќи и простумејќи со векови на овие простори, вели лингвистот, критичар и поет Васил Дрвошанов.
Со ова дело проф. д-р Васил Дрвошанов, автор на четириесет книги од областа на лингвистиката и на македонската книжевност, продолжува да ги афирмира научните вредности на врвните македонски лингвисти и книжевни творци.