Во рамките на втората сезона на фестивалот на современа музика „Денови на македонска музика“, кој со есенското издание ја продолжува традицијата што успешно се воспоставува во последните години, го најавуваме концертот на Пијано дуото, во состав: Јасмина Трајческа (Македонија) и Ловорка Немеш Дулар (Словенија), соопштија од Сојуз на композиторите на Македонија – СОКОМ.
-На концертот ќе бидат изведени дела за две пијана од реномираните македонски композитори Томислав Зографски (1934–2000) и Стојче Тошевски (1944–2008), со што ќе бидат одбележани два значајни јубилеја: 90 години од раѓањето на Зографски и 80 години од раѓањето на Тошевски. Покрај македонските творби, програмата вклучува и дело на словенечкиот композитор Јанез Матичич (1926–2022), потенцираа во соопштението.
Втората сезона на 47-ми „Денови на македонска музика“ со концерт на пијано дуо ќе се одржи на 17 септември, вторник, 2024 година, во Мала сала на Филхармонија, со почеток од 20 часот.
Влезот на концертот на Пијано дуото Трајческа – Немеш Дулар на „Деновите на македонска музика“, е слободен.
Овој концерт претставува единствена можност да се доживеат значајни дела од македонската и словенечката музичка традиција, виртуозно изведени од реномирани изведувачи. Концертот ќе го слави богатото музичко творештво на двете држави преку длабоки и впечатливи изведби, кои ќе понудат свеж поглед на делата на овие истакнати композитори.