Култура Од Вевчани до Софија

Концерт на КУД „Дримкол“ од Вевчани во МКИЦ во Софија

Неговите почетоци датираат од 1947 година, кога првпат во Вевчани била формирана играорна група која учествувала на свечености за 11 Октомври во Битола и Штип.

Концерт на КУД „Дримкол“ од Вевчани во МКИЦ во Софија

Културно-уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани вечер од 18.30 часот ќе настапи во Македонскиот културно-информативен центар во Софија со концерт „Од Вевчани до Софија: македонска култура и традиција во ритам“.

-Преку македонскиот ритам од западна и источна Македонија, КУД „Дримкол“ ќе ја претстави и промовира културата и традицијата на својата земја пред публиката во Софија. Целовечерниот концерт ќе ја презентира содржината на песни и ора изведени од фолклорниот ансамбл, со традиционален оркестар во живо и автентични македонски народни носии. Културно-уметничкото друштво „Дримкол“ со богатата изворна народна носија, изворните инструменти, изворните кореографии од вевчанското поднебје е ансамбл еден и единствен, различен од сите други во Македонија, соопшти МКИЦ во Софија.

КУД „Дримкол“ ја презентирал македонската фолклорна традиција на многубројни настани и фестивали низ светот. Неговите почетоци датираат од 1947 година, кога првпат во Вевчани била формирана играорна група која учествувала на свечености за 11 Октомври во Битола и Штип.

-Оттогаш традицијата се негува со силен ентузијазам од многу вевчанци: ученици, младинци, како и учители и педагози кои работат со играорната група, а веќе во 1973 година ваквата играорна традиција добива и правна форма – прво под името „Печалбар”, а потоа се преименува во „Дримкол”. Денес во КУД „Дримкол“ од Вевчани работат неколку организациски форми: Фолклорниот ансамбал во чии рамки влегуваат првиот состав, детските фолклорни групи, составот на ветерани и оркестарот на традиционални и современи народни инструменти; Пејачката група „Каданка” и Патувачкиот театар „Поклони се и падни”, наведува организаторот на концертот.

Најнови вести од Култура

To top