Изложбата на слики од Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски, насловена „Резови“, ќе биде отворена вечер со почеток од 20 часот во Културно-информативниот центар – Скопје.
Како што информираат од КИЦ, станува збор за изложба што поврзува двајца уметници со разни автономни и своеобразни ликовни изрази, обединети преку линијата како главен двигател во композициската наративност.
– Стефан Анчевски (Куманово, 1993) е визуелен и мултимедијален уметник. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Има реализирано свои 14 самостојни изложби, учествува на преку 150 групни изложби и прикажувања во земјава и странство. Член на ДЛУБ (2022) и ДЛУМ (2023). Во 2014 и 2023 добитник е на прва награда „TrashForArt“ и прва награда „Let’s bring justice closer to citizens“ во 2023 – COE – Национална галерија Мала Станица – Скопје, се наведува во соопштението.
Како што се додава, моментално е на магистерски студии на Ликовната академија во Штип при универзитетот „Гоце Делчев“.
– Марјан Стојаноски (Прилеп, 1983) средно образование завршува во уметничкото училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје. Завршил Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди. Член е на ДЛУМ. Во два наврати е претседател на друштвото на ликовни уметници од Прилеп (ДЛУП) каде што во 2015 година, ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул“ од друштвото на ликовни уметници од Прилеп. Има реализирано голем број на изложби, како самостојни, така и групни изложби. Живее во Прилеп и работи во Центарот за култура „Марко Цепенков“, се додава во соопштението.
Предвидено е изложбата да биде отворена до 14 јули.