Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград денеска ќе биде отворена изложбата „Пресек за скулптура над“ од македонскиот скулптор Славчо Спировски. Ова е прво самостојно претставување на Спировски во Белград, а проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.
Изложбата ќе ја отворат директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров и новинарот Тони Цифровски кој ќе прочита дел од ликовната рецензија од Маја Чанкуловска-Михајловска.
– Славчо Спировски во своите досегашни дела се потврдува како исклучително љубопитен и аналитичен автор, кој со игра го деконструира митот за скулптурата и одново го оформува на сопствен начин, создавајќи своевиден метапростор или ментален простор за размислување и осмислување на многу прашања и комбинации, пишува Чанкуловска-Михајловска во рецензијата.
Спировски е роден на 1 февруари 1975 година во Скопје. Дипломира во 2006 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на педагошкиот оддел, отсек вајарство во класата на професор Станко Павлески, како студент на генерацијата. Освен во македонските галерии, негови самостојни изложби се претставувани и во Берлин, Софија и Загреб, а има учествувано и на голем број групни изложби во Србија, Бугарија, Хрватска, Либан, Италија.