Македонската филхармонија го најавува концертот „Искра“ кој ќе се одржи на 16 мај (четврток) со почеток во 20 часот. Како солист, овој пат ќе настапи еден од најуспешните црногорски и европски виолинисти Роман Симовиќ, моментно концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, Марински театар и Минхенската филхармонија.
Врвниот Симовиќ ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр.1 од најзначајниот руски симфоничар Димитриј Шостакович, дело кое се смета за едно од неговите најдобри дела, а му го посветил на прочуениот Давид Ојстрах.
Оваа вечер, на програмата се и Адаџото од гудачки квинтет во F-dur од австрискиот музички гениј Антон Брукнер, како и Симфонијата бр. 5, оп. 55 во b-moll од Александар Глазунов наречена „Херојска“, опишана како „архитектонска поема“.
Маестро Даниел Рајскин (1970) е познат како предводник на младата генерација музичари, ставајќи голем акцент на неговите толкувања за музиката коишто ги прави на мошне транспарентен начин, откривајќи ја структурата на едно дело до сите детали, наоѓајќи го поттекстот, вистинската рамнотежа на звукот и енергијата што тоа ја поттикнува кај изведувачите.
Од 2005 година, Рајскин станува шеф-диригент на Рајнската филхармонија, а од 2008 на „Артур Рубинштајн“ – филхармонијата во полскиот град Лоѓ. Неговите ангажмани како гостин диригент се бројни, патувајќи низ Европа и Азија, вклучувајќи ги и Белградската филхармонија, Естонскиот национален оркестар, Хонгконг синфониета, Националниот оркестар во Латвија, „Моцартеум“ оркестарот во Салцбург, филхармониите на Копенхаген, на Прага, оркестарот на Радио-телевизијата во Даблин, Радио-симфонискиот оркестар на Чешка, Загрепската филхармонија, симфониските оркестри на Виена, Берлин итн. Познати се неговите ангажмани како диригент на опери, вклучувајќи ги и редовните настапи со „Кармен“ за холандската компанија „Opera Zuid“ во режија на Каликсто Биеито (2006/2007) или „Нос“ од Шостакович во Државниот театар во Кобленц (2010). Рајскин соработува со врвни уметнички имиња како Иво Погорелиќ, Џулијан Рахлин, Миша Мајски, Ланг Ланг, Мидори, Даниел Милер-Шот…
Еден од најуспешните црногорски и европски виолинисти Роман Симовиќ (1981), моментно е концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, а во истовреме е ангажиран и како концерт-мајстор со Марински театар и со Минхенската филхармонија. Се издвојува од останатите виолинисти по неговата брилијантна виртуозност со неограничена имагинација. Заедно со неговиот вроден талент за музика, овие квалитети ќе го однесат Симовиќ на светските сцени, настапувајќи со врвни оркестри и диригенти. Наградите се уште една потврда за неговата исклучителна уметничка физиономија: Родолфо Липицер (Италија), Сион-Вале (Швајцарија), Јамполски виолинскиот натпревар (Русија), Хенри Виењавски (Полска), кои го сместија меѓу најзначајните виолинисти од неговата генерација. Како солист, настапувал со врвните ансамбли како што се Лондонскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на театарот Марински од Русија, Камерниот оркестар „Франц Лист“ од Унгарија, Камерата Берн од Швајцарија, Камерата Салцбург од Австрија, Филхармонијата на Прага итн., со диригенти како што се Валери Гергиев, Антонио Папано, Даниел Хардинг, Џанандреја Носеда, Кристијан Јарви…
Со семејството емигрирал од Украина во 1991 година, во најлошото време за овие простори, во време на војна, инфлација, ембарго. И самиот вели дека бил принуден да си замине и од Украина, каде што, исто така, ситуацијата била лоша. Студирал на Академијата во Цетиње, а со стипендијата којашто ја добил од државата заминал во Москва на постдипломски студии, кога почнала и неговата сериозна уметничка приказна. Вели дека Русија му го сменила животот и дека неговата професорка Марина Јашвили му наметнала нов начин на размислување на свирење на виолина.