Култура

Фестивал на европски филм од 11 до 17 јули во Скопје

Фестивал на европски филм од 11 до 17 јули во Скопје

Меѓународниот фестивал на европски филм – CINEDAYS, годинава ќе се одржи по 23. пат од 11 до 17 јули. Со над 40 филмски наслови, Скопје повторно ќе живее во филм во фестивалскиот период, се наведува во денешното соопштение на Младинскиот културен центар (МКЦ).

– Под годинешниот слоган „Како е? Викај ура“, летните скопски филмски вечери ќе ги пресретнуваме во паркот зад Младинскиот културен центар, киното „Фросина“ и летното кино на отворено во „Кинотека“. Отворањето ќе го одележи македонскo-данската соработка на данскиот бенд „Ефтеркланг“ и „Македониум бенд“. Оваа соработка ја обележа својата концертна премиера во април 2023 година пред споменикот „Македониум“ во Крушево и својата филмска премиера во Копенхаген на фестивалот „CPH-DOX“, на 23 март 2024 година, пишува во соопштението.

Филмот, како што се наведува, ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ нашата држава. Во тој процес на регрутација на членови за новиот мета состав наречен „Ефтеркланг: Македониум бенд“, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски – Грга, нивен пријател и посредник во целата авантура. Младинскиот културен центар се јавува во улогата на продуцент, преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.

Се најавува и богата музичка програма. Билетите за фестивалот, како што е најавено, ќе чинат 250 денари.

Фестивалот е финансиски поддржан од Град Скопје, делегацијата на ЕУ преку програмата „EU film festivals“, Агенцијата за филм во партнерство со Публицис и Кинотеката на Република Северна Македонија.

To top