Со проекција на документарно играниот филм „Светиот Архипелаг“, вечер во 19 часот на Европскиот универзитет во Скопје, продолжува Меѓународниот филмски фестивал „Богородичен покров“.
– Наоѓајќи се во далечната периферија на Русија, архипелагот, по волја на судбината стана еден од најмоќните симболи на рускиот дух заедно со Соловецкиот манастир. Филмот ги допира длабоките значења на битието, верата, надежта и љубовта, се вели во најавата за филмот од „Богородичен покров“.
Филмот е во времетраење од 98 минути. Режисер и автор е Сергеј Дебижев, а продукцијата е на „Два капетани“, Русија, 2020.
На програмата утре се Форум за хумани вредности „Знаењето е здравје“ (16:00) со протоколи на сировата исхрана, кои ќе ги претстави Милена Димовска. По форумот, во 20 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Приказни од Атос“, во времетраење од 58 минути. Филмот е трилогија за градот Кареја на Света Гора и манастирите Ксненофонт и Дохијар и чудотворните икони на Пресвета Богородица во нив. Режијата е на Ѓорѓе Милосављевиќ Гера, автор е Дарко Петровиќ, продукцијата на „Балкан трип“ , Србија.
Во следните денови, на 12 декември е најавена проекција на долгометражниот игран филм за деца „Стела“, на 12 декември во 18.30 часот, во продукција на Дрим фактори (Македонија/Србија/Германија), 2020, 91 минута.
На 13 декември ќе се одржи Форум на хумани вредности „Знаењето е здравје“ во 18.00 часот, по што следува проекција на документарно играниот филм „Доброчинител“, во продукција на Милан П. Киќевац во 19.30 часот. Фестивалот завршува на 14 декември со долгометражниот игран филм „13-от ДЕН“.
Фестивалот годинава одбележува 10 годишен јубилеј, а се одржува со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Почесен претседател на фестивалот е митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, г. Георгиј.