Како најголема културна институција во државата, со над 500 вработени, Националната опера и балет мора да функционира врз основа на јасна хиерархија, прецизна поделба на одговорностите и доследно почитување на работната етика и дисциплина. Во оркестарот, точно се утврдени улогите, принцип што е суштински за функционирањето на единствената оперска куќа во државата, посочува директорот на МОБ, Оливер Арсовски.
-Секое отстапување од овој систем директно влијае врз работата на целата институција. Улогата на управата не е да зазема страни, туку да обезбеди ред, дисциплина и зачувување на уметничките стандарди. Во таа смисла, како директор на институцијата, нема да дозволам нарушување на работните процеси, ниту непочитување на редот, дисциплината и хиерархијата во оркестарот, каде диригентот претставува водечки авторитет. Нема да дозволам лични нетрпеливости на поединци да се манифестираат преку непочитување кон колегите и кон странските соработници, со кои со години заеднички работиме на квалитетни продукции за нашата публика. Институцијата и понатаму ќе постапува согласно своите правилници и во законската рамка, со единствена цел – заштита на колективот, публиката и интегритетот на оперската и балетската уметност. Апелирам Синдикатот на културата да не подлегнува на влијанија од поединци кои ја злоупотребуваат неговата улога, туку да продолжи да се залага за правата на колективот и достоинството на институциите, вели тој.
Посочи дека наводите изнесени од вработената Татијана Петрушевска, во врска со дисциплинската постапка поведена против неа, се невистинити и паушални и со нив се нанесува штета на угледот на установата, создавајќи искривена слика во јавноста.
-Во оваа изјава нема да изнесувам факти, имајќи предвид дека е во тек дисциплинска постапка за дисциплински престап. Сепак, важно е да се нагласи дека постојат изјави од вработени, како и изјава од диригентот на претставата, врз основа на кои е донесен предлог за покренување дисциплинска постапка и решение за суспензија, согласно одредбите од Законот за култура. Во однос на тврдењата дека против неа не биле водени постапки, истакнувам дека тоа не е точно, бидејќи во повеќе наврати вработени од оркестарот побарале заштита од нејзиното однесување, рече тој.