Тешка сообраќајна несреќа во која животот го загубија татко и син се случила вчера во 11:30 часот на автопатот Скопје – Куманово, пред наплатна станица Миладиновци.
Автомобил „Мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управуван од Б.А.(34) од село Опае, кумановско, удрил во сообраќајни знаци и во запрено товарно возило „ман“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице, а паркирано од Р.П.(58) од село Глумово, скопско.
-Во несреќата од здобиените повреди на местото на настанот починал возачот Б.А.. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Со тешки телесни повреди се здобил неговиот малолетен сопатник од село Опае, кој подоцна починал во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, информира МВР.
Во врска со настанот, од слобода биле лишени возачот на товарното возило Р.П. и одговорното лице на правниот субјект П.М.(55) од скопско.
Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.