Во атарот на струшкото село Глобочица денеска околу пладне е пронајдено безживотното тело на 60-годишниот жител на Струга, кој пред два дена беше пријавен за исчезнат.
Ова за КУРИР го потврди портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, кој вели и дека телото на К.М. било без траги на насилство, а смрт констатирала медицинска екипа.
Увид на местото извршила полициска екипа во присуство на јавен обвинител, а телото на починатиот е предадено на обдукција.
Инаку, лицето беше пријавено за исчезнато во понеделникот доцна попладнето во реонот на селото Брчево, каде собирал шумски плодови и не се вратил во својата викенд куќа, а не можело да се воспостави ниту телефонска комуникација.
По него трагаше полицијата, Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид и локално население.