На Волстрит се тргуваше претпазливо во понеделникот, при што индексите не осцилираа значително, бидејќи инвеститорите не сакаат да преземаат ризици пред извештајот за потрошувачките цени во САД во февруари.
Индексот Dow Jones зајакна 0,12 отсто, на 38.769 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,11 отсто, на 5.117 поени, а индексот Nasdaq 0,41 отсто, на 16.019 поени.
По благиот пад минатата седмица, на почетокот на новата индексите забележаа само мали промени. Најмногу падна индексот Nasdaq, бидејќи акциите во технолошкиот сектор, особено производителите на чипови, кои неодамна забележаа силен раст, сè уште се под притисок. Така, вчера цената на акцијата на „Nvidia“ падна за околу 2 отсто, а на „Advanced Micro Devices“ за повеќе од 4 отсто.
Инвеститорите се претпазливи бидејќи оваа седмица ќе бидат објавени два извештаи кои ќе покажат како се движела инфлацијата во февруари и тоа може да влијае на одлуката за каматната стапка на американската централна банка.
Во вторник ќе биде објавен извештај за потрошувачките цени и во четврток за цените на производителите во февруари. Откако потрошувачките цени во јануари пораснаа нешто повеќе од очекуваното, аналитичарите анкетирани од Reuters проценија дека во февруари цените пораснале за 0,4 отсто на месечно ниво и 3,1 отсто на годишно ниво.
Минатата седмица, претседателот на Fed, Џером Пауел, рече дека челниците на централната банка сакаат да бидат сигурни дека инфлацијата ќе продолжи да слабее кон целното ниво од 2 отсто пред да одлучат да ги намалат каматните стапки. Коментарите на Пауел ги зајакнаа пазарните очекувања дека Fed може да започне со намалување на каматните стапки во јуни.