Економија нбрсм

Средба Ангеловска-Бежоска – Басани: Светска банка го поздрави поднесувањето на барањето за пристапување во СЕПА

Потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија, Басани ги поздрави реформските активности на Народната банка и истакна дека Светската банка ќе продолжи со поддршка на истите.

Средба Ангеловска-Бежоска – Басани: Светска банка го поздрави поднесувањето на барањето  за пристапување во СЕПА

Народната банка во рамки на своите надлежности континуирано и посветено работи на процесот на европска интеграција. Имплементирањето на европската регулатива во платежната сфера и поднесувањето на барањето за пристапување во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) е значен чекор и дел од процесот на патот на земјата во Европската Унија.

Ова беше заклучено на средбата помеѓу гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска и потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, што се одржа на маргините на Годишниот состанок на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, на која ѝ припаѓа нашата земја, а кој се одржа во Кишињев, Молдавија.

Потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија, Басани ги поздрави реформските активности на Народната банка и истакна дека Светската банка ќе продолжи со поддршка на истите.

На средбата гувернерката Ангеловска – Бежоска ја потенцира важноста на техничката поддршка од Светската банка за подготовка на нашата земја за исполнување на условите за пристапување во СЕПА со цел интеграција во европската платежна инфраструктура и зголемување на сигурноста и ефикасноста на прекуграничните плаќања во евра, а со тоа и поголема трговска и финансиска соработка со земјите од СЕПА.

На средбите помеѓу гувернерката Ангеловска – Бежоска и Басани беа разгледани повеќе проекти коишто Народната банка ги реализира со поддршка од Светската банка со цел дополнително јакнење на капацитетите на земјата и централната банка во повеќе области, како што се техничката помош за натамошно унапредување на анализите на финансиската стабилност, пред сè во доменот на климатските ризици. Светската банка ни дава поддршка и во подготовката на подзаконската регулатива за Законот за решавање банки, а обезбедува и поддршка за централната банка во развивањето на методологијата за стрес-тестирање од климатските ризици.

Најнови вести од Економија

To top