Научниот труд „Испитување на динамичкиот пренесен ефект на светските цени врз македонските цени на храната“ од Даница Уневска Андонова и Магдалена Петровска беше презентиран на 50.сесија на Клубот на истражувачи на Народната банка.
Сесијата, како што соопшти прес-службата на Народната банка, ја отворила директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика, Султанија Бојчева-Терзијан, која потенцирала дека презентираниот труд е од особено значење, бидејќи истражува прашање што во изминатите две-три години е клучно за носителите на монетарната политика, а е од интерес и за широката јавност.
-Трудот ги обработува релациите и преносот од цените на примарните производи во меѓународната размена врз домашните цени на храната. Цените на светските пазари често и значително флуктуираат заради влијанието на различни сили и фактори и чија понуда и побарувачка не може да се прилагодува брзо на краток рок. Врз база на податоци за периодот 2003-2022 година и со примена на современи економетриски методи на анализа, трудот утврдува дека релациите меѓу меѓународните и домашните цени на храната е различен, во зависност од тоа дали станува збор за ниска или висока променливост на цените, се вели во соопштението од Народната банка.
Следната сесија на Клубот на истраќувачи е планирана за јуни годинава.
Сесиите на Клубот се одржуваат четирипати годишно. Народната банка објавува повик до истражувачите за презентирање на труд, којшто може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат во согласност со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани учесници или слушатели. Зачленувањето е од отворен карактер и повеќе информации за Клубот може да се најдат на следнава врска: https://www.nbrm.mk/klub_na_istrazhuvachi.nspx
Клубот на истражувачи е платформа за презентација и разгледување научно-истражувачки трудови на Народната банка, која опстојува и ја поддржува научно истражувачката дејност во земјава во изминатите 12 години. Во овој период презентирани се 85 научни труда.