Сојузот на синдикати на Македонија ја презентираше новата методологија на синдикалната минимална кошница, која ќе претставува основa по којa синдикатите од 2024 година ќе се залагаат за зголемување на платите на работниците.
Според пресметката на професорите и поранешни министри за финансии кои ја изработија новата синдикална минимална кошница, Никола Поповски и Драган Тевдовски, за основните потреби на семејство од двајца родители и две деца кои се ученици потребни се 56.522 денари.
Структурата на кошницата, која не е променета од 2011 година, сега има четири нови ставки или вкупно 11.
На презентацијата беше посочено дека потешко им е на семејствата кои плаќаат кирија, бидејќи нивната синдикална кошница е поскапа 21.324 денари поради трошоците за станарина, вода, струја и греење.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов го истакна значењето на синдикалната минимална кошничка, за која рече, дека нејзиното воведување во 2011 година било основ за донесување на нов закон за минимална плата. Синдикалната минимална кошничка, вели Трендафилов, пред неколку години беше главен аргумент за зголемување на минималната плата за 2806 денари, подоцна за 2175 денари, како и според направените пресметки за 2.500 денари во март наредната година.
-Минатиот период се изнаслушавме критики околу пресметката на синдикалната кошничка, затоа се одлучивме да ангажираме одлични експерти во својата област, поранешни министри за финансии, кои ќе дадат значаен придонес за начинот по кој ние ќе ја креираме новата методологија за синдикаланта минимална кошничка и која ќе ги претставува основните потреби на едно четиричлено домаќинство, посочи Трендафилов.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која беше присутна на презентацијата, истакна дека е задоволна што во нејзиниот мандат се направени значајни исчекори во подобрување на правата на работниците, посочувајќи на недела неработен ден, новиот предлог Закон за работни односи, новиот колективен договор, како и Законот за минимална плата. (МИА)