На валутните пазари во вторникот во претпладневното тргување благо порасна вредноста на американскиот долар во однос на кошничката на валути.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево се движи околу 103,30 поени, додека во понеделникот во истиот период од тргувањето изнесуваше 103,19 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 148,05 на 148,35 јени. Сепак, цената на американската валута стагнира во однос на европската, па курсот на еврото се движи околу 1,0905 долари, исто како вчера во ова време.
Цените на нафтата, пак, благо паднаа, по вчерашниот силен раст. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево се лизна за 0,21 отсто, на 79,95 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,19 отсто, на 74,60 долари.