На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошничката валути на почетокот од тргувањето седмицава дополнително се зголеми, по добивките три седмици со ред. Затоа е на пат за зголемување во текот на јануари од околу 2 отсто.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево се движи околу 103,55 поени, додека во петокот вечерта изнесуваше 103,47 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се движи околу 148,15 јени, колку што беше и во петокот на затворањето на тргувањето. Меѓутоа, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0845 долари, додека во петокот вечерта изнесуваше 1,0855 долари.
Цените на нафтата, пак дополнително пораснаа по минатонеделниот скок од над 6 отсто. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево зајакна за 0,34 отсто, на 83,85 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,37 отсто, на 78,30 долари.