На европските берзи се тргуваше претпазливо во четвртокот претпладнето, при што повеќето берзански индекси беа малку повисоки, по вчерашниот пад. Така, индексот STOXX 600 на водечките европски акции во 9:30 часот порасна за 0,2 отсто, враќајќи дел од вчерашните загуби. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,10 отсто, на 8.360 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,33 отсто, на 18.740 поени, а париски CAC за 0,29 отсто, на 8.115 поени.
И на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во минус од 0,5 отсто во истиот период од тргувањето како и во Европа. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei зајакна за 1,3 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија, Шангај и Хонгконг паднаа меѓу 0,1 и 1,5 отсто.
Со тоа повеќето азиски берзи го следат вчерашниот пад на њујоршкиВолстрит, кога Dow Jones загуби 0,51 отсто, додека S&P 500 се лизна за 0,27 отсто, а Nasdaq индексот 0,18 отсто.
Во фокусот на инвеститорите вчера беа записниците од последната седница на американската централна банка, кои покажаа дека нејзините челници сметаат оти инфлацијата се намалува, но премногу бавно за каматите наскоро да се намалат. Ова не е ништо ново, имајќи предвид дека повеќето првите луѓе на Fed со месеци јавно кажуваат дека инфлацијата останува над целните нивоа на ФЕД и дека треба да бидат трпеливи за намалување на каматните стапки.
Пред објавувањето на записникот, пазарот проценуваше дека има 65 отсто шанси Fed да ги намали каматните стапки во септември, но сега таа проценка падна на 59 отсто.
Намалени се и изгледите за намалување на каматните стапки во Британија, со оглед на тоа што инфлацијата во април порасна повеќе од очекуваното.
Централната банка на Нов Зеланд, од друга страна, соопшти дека поради сѐ уште зголемената инфлација, малку е веројатно дека ќе ги намалат каматните стапки оваа година.
Во фокусот на инвеститорите претпладнево е уделот на „Nvidia“, водечкиот производител на чипови за вештачка интелигенција. По вчерашното затворање на тргувањето на Волстрит, „Nvidia“ објави подобри оперативни резултати од очекуваните, а цената на нејзината акција порасна за околу 6 отсто во продолженото тргување. Благодарение на тоа, фјучерсите S&P 500 и Nasdaq индексот претпладнево се во плус, што значи дека на почетокот на денешното тргување на Волстрит индексите би можеле да ги компензираат вчерашните загуби.