-Доколку имаме политики на агрегатна побарувачка кои поттикнуваат прекумерна побарувачка споредено со понудата во економијата тоа може да претставува притисок и нагорен ризик за инфлацијата. Токму затоа клучните препораки на сите меѓународни институции се добро координирани, внимателни макроекономски политики. Трендовите кај инфлацијата се поволни, но мора да видиме стабилизирање на подолготрајно и одржливо ниво, а клучна за тоа е комбинацијата на макроекономските политики, но и структурните политики, рече Ангеловска Бежоска во одговор на новинарско прашање дали зголемувањето на платите ќе влијае на пораст на инфлацијата при денешната презентација на есенските макроекономски проекции на НБ.
Таа додаде дека макроекономските политики се само првата линија на одбрана и служат за стабилизирање на тековите и состојбите.
-Постои неизвесност и не би можеле априори да кажеме што ќе се случи со цените по истекот на важноста на мерките за ограничување на цените на прехранбените производи, но враќањето на претходни нивоа како што беа пред воведувањето на мерката значи одреден нагорен притисок врз цените, рече Ангеловска Бежоска.
Подолгорочно поволни ефекти, вклучително и врз инфлацијата, екстерниот сектор и растот, додаде, можат да произлезат само од структурните реформи во економијата каде, како што кажа, е потребен поголем степен на интензивирање.
-Механизмите кои сега се воведоа со измените на законите во сферата на буџетските правила, односно воведувањето на фискалните правила и воведувањето на Фискалниот совет се значајна алатка која ќе помогне во насочување на фискалните текови во оние пунктови каде има најголема ранливост за населението, рече Ангеловска Бежоска и додаде дека е потребно креирање на потаргетирани мерки за тие на кои најмногу им е потребна помош и со голем фокус на капиталните инвестиции.
Посочи дека поголемото пренасочување на јавните расходи во сферата на капиталните инвестиции ќе има позитивно влијание не само на краток, туку и на долг рок, бидејќи се зголемува потенцијалот за раст на економијата.