Вести конференцијата на АХК

Божиновска: Македонија до 2030 со 15.000 зелени работни места, помали сметки за струја- зелени можности за соработка и со Германија

Божиновска: Македонија до 2030 со 15.000 зелени работни места, помали сметки за струја- зелени можности за соработка и со Германија

Министерката за енергетика Сања Божиновска денеска се обратила на отворањето на стручната конференција посветена на проширување на инфраструктурата за обновливи извори на енергија во регионот, организирана од АХК Северна Македонија, дел од мрежата на Германските стопански комори.

Божиновска ги претставила тековните и планираните активности на Владата во насока на забрзување на енергетската транзиција, вклучувајќи го и новиот Закон за енергетика којшто стапува на сила од 2025 година. Нагласила дека државата бележи пораст на инвестициите во обновливи извори на енергија, со посебен акцент на развојот на соларните и ветерните капацитети, како и на проектите за складирање енергија.

– Македонија е подготвена да го искористи својот потенцијал за обновливи извори на енергија и да прерасне во регионален лидер во зелената транзиција. Трансформацијата ќе генерира повеќе од 15 000 зелени работни места до 2030 година, во сектори како што се изградба, одржување и менаџирање на обновливите капацитети и во наредната деценија се очекуваат инвестиции од над една милијарда евра што ќе го поттикнат локалниот економски раст. Ќе се намалат трошоците за електрична енергија преку зголеменото домашно производство и намалена зависност од увоз, домаќинствата и бизнисите ќе имаат до 30 проценти пониски сметки за електрична енергија до 2030 година. Со реализирање на планираните проекти, Македонија ќе стане нето извозник на електрична енергија, со потенцијал да генерира повеќе од 300 милиони евра годишно од извоз на обновлива енергија, истакнала Божиновска.

На конференцијата присуствувале повеќе од 80 претставници од македонски и германски компании, а како што соопшти Кабинетот на министерката, конференцијата била можност за директни деловни средби и размена на искуства.

– Германските инвеститори сè повеќе гледаат на зелениот енергетски потенцијал како клучен елемент при донесувањето на одлуки за инвестирање. Нашата цел е Северна Македонија да ја позиционираме како атрактивна и одржлива дестинација за ваков тип инвестиции, истакнала Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, Албанија и Косово.

Настанот претставува дел од делегациската посета на шест германски компании специјализирани за иновативни решенија во енергетскиот сектор.

To top