Ракомет

Вардар загуби во финалето на турнирот во Лабин

Вардар загуби во финалето на турнирот во Лабин

Екипата на Загреб е освојувач на реномираниот меѓународен турнир што се одржа во Лабин.

Во финалната средба хрватскиот шампион во вториот дел го скрши отпорот на Вардар 1961 и заслужено славеше со 34-27.

По израмнетиот старт (3-3) домашниот тим прв влезе во мини-серија и поведе со 5-3, на што следуваше соодветен одговор на „црвено-црните“.

Вардар со четири гола во низа за првпат поведе со два гола разлика (5-7). Следуваше одговор на Загреб и три врзани погодоци, од кои последниот на Карачиќ за ново водство од 9-7.

Вардар најде излез и од оваа ситуација и брзо го врати водството на своја страна, но во самиот финиш на полувремето кој македонскиот тим го играше со играч помалку, Загреб врза два гола и на пауза обезбеди минимална предност од 17-15.

Иако се работеше за пријателски турнир, жарот за победа беше видлив кај двете екипи и второто полувреме започна со нешто погруба игра  и неколку исклучувања на двете страни.

На резултатски план подобро се снајдоа ракометарите на Загреб кои ги казнуваа сите грешки на противникот и првпат се одлепија на четири гола предност (27-23). Кризата во таборот на „црвено-црните“ продолжи, а откако негативата се зголеми на седум погодоци,

Чупиќ повика тајм-аут. Но, ниту минутата одмор и советите на хрватскиот тренер не им помогнаа на вардарци, кои продолжија со лошата игра и загубија со 34-27.

 

Поврзани теми

To top