Ракометната репрезентација на Македонија ја работи тактичката фаза од подготовките за Европското првенство.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе имаат уште неколку скопски тренинзи, а в среда патуваат за Швајцарија за каде се закажани три тест дуели.
Во пресрет на континенталниот собир своите очекувања ги изнесе десниот бек Мартин Серафимов.
„Во првата фаза повеќе бевме посветени на физичките подготовки. Сега влегуваме во деталите и тактичкиот дел. Желбите и очекувањата се да ја минеме првата фаза. Сепак, противниците се силни и пред нас е голем и тежок предизвик. Наше е само да дадеме максимум. Спортскиот аспект е секогаш на секоја средба да играме за победа. Данска и Португалија имаат поквалитетни селекции од нас. Данците со години се на самиот врв во светскиот ракомет, а Португалците на последното Светско првенство покажаа дека се дел од ракометната елита. Не смее да се заборави и селекцијата на Романија која е почитувана, нема да ја потцениме. Нам ни останува да одиме максимално на сите натпревари, да покажеме како се бори за Македонија, а резултатот ќе дојде сам по себе“, изјави Серафимов.
Македонија на Европското првенство ќе отвори против домаќинот Данска во Хернинг на 16 јануари.