Борис Ројевиќ, тренерот на ГРК Охрид, го најави натпреварот против Дукла Прага во рамките од осминафиналето во ЕХФ Купот.
Желбата и целта на охриѓани е пласман меѓу најдобрите осум во ова натпреварување, а Ројевиќ е свесен дека нивната задача нема да биде лесна.
„На гости ни доаѓа сериозен противник, кој двапати беше шампион на Европа. Дукла е сериозна екипа, со тројца репрезентативци на Чешка и селекторот на репрезентацијата, клуб со голема традиција и ние едвај чекаме натпреварот да започне.
Ги повикувам нашите навивачи да ја наполнат салата и да направат атмосфера како против Еурофарм Пелистер, тоа нам многу ќе ни значи. Имавме некои промени во ростерот, формата можеби не ни е на посакуваното ниво, но ние сме спремни за овој предизвик.
И пак ќе повторам – ако атмосферата биде како онаа против шампионот, која беше најдобра атмосфера која што сум ја видел во животот – а сум поминал многу, сигурно дека ќе ни биде многу полесно“, рече српскиот стратег.
Натпреварот меѓу Охрид и Дукла Прага се игра утре во „Билјанини Извори“ со почеток од 18:00 часот.