Раководството на Ракометната Федерација на Македонија преку соопштение испрати јавна благодарност до Општина Гевгелија, Градоначалникот Сарамандов и РК Партизан за беспрекорната организација на мечот на ракометниот Супер Куп на Македонија што беше одигран во салата „26 Април“.
Алкалоид и Е. Пелистер одиграа одличен меч што мина во максимално коректна атмосфера на кој што скопскиот тим на крајот заслужено триумфираше.
„Почитувани,
Ракометната Федерација на Македонија упатува голема благодарност до Андон Сарамандов – Градоначалник на Општина Гевгелија и РК Партизан Гевгелија, за спроведувањето и учество во организацијата на СУПЕР КУП натпреварот 2024 кој се одржа во спортската сала 26-ти Април.
Воедно изразуваме искрени честитки и пофалби во делот на организација за топлиот прием за играчите, тренерите, службениците лица и гледачите кои беа присутни во спортската сала 26-ти Април – Гевгелија .
Заедничкиот придонес на сите инволвирани чинители во ракометниот спорт, е заложба и приоритет за одржување на епитетот национален спорт број 1“, се вели во дописот од Ракометната Федерација на Македонија.