Од 28 до 30 август, спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе биде домаќин на Регионалната ракометна лига, натпреварувачки турнир кој ќе ги обедини ракометните екипи од Македонија, Црна Гора и Србија.
Регионалната ракометна лига се одржува со поддршка на Министерството за спорт, а е во организација на Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
„Горди сме што Македонија е домаќин на првото издание на Регионалната ракометна лига. Нашата цел е преку спортот да изградиме мостови меѓу земјите од регионот, да создадеме нови можности за младите ракометари и да им понудиме на љубителите на спортот врвни натпревари. Веруваме дека оваа лига ќе прерасне во традиција и ќе биде двигател за понатамошен развој на ракометот во регионот“, изјавија од РФМ.
На овој турнир во машка конкуренција ќе настапат РК Е.Пелистер Вардар 1961, Војводина од Нови Сад и Ловќен од Цетиње.
Во женска конкуренција силите ќе ги одмерат ЖРК Ѓорче Петров, ЖРК Металург, ЖРК Бор од Бор, ЖРК Будуќност од Подгорица.