Од 14. до 16. овој месец ќе се одржи третото издание на Меморијалниот меѓународен турнир во спомена на младиот ракометар Марко Божиновски.
Организаторите потврдија дека годинава учество ќе земат четири екипи од странство. Станува збор за екипите на Морнар (Црна Гора), Војводина (Србија), Одорхеи (Романија) и Коуњх (БиХ). Од македонските екипи со кадетските тимови ќе настапат Бутел, Алкалоид, Вардар и Еурофарм Пелистер.
„По успешните изданија минатите 2 години, овојпат дури 4 интернационални клубови ќе се натпреваруваат заедно со кадетските тимови на македонските суперлигаши!
Во чест и аманет на нашиот Марче, ние како фондација со огромна љубов и посветеност се стремиме вечно да живее неговиот лик и дело, но и да го всадуваме спортскиот дух кој Марче го носеше во себе кај помладите генерации. Ракометот беше негов живот, љубов и животна определба.
Затоа, ве повикуваме и ве очекуваме од 14-16 јуни во спортскиот центар „Марко Божиновски“ да се забавуваме и заедно да ги поддржиме идните ракометни ѕвезди кои ќе не прават горди носејќи го репрезентативниот дрес за неколку години“, соопштија од Фондацијата „Марко Божиновски“.