Екипата на Охрид е пред историски двомеч со Олимпијакос во ЕХФ Купот, а влогот е пласман во полуфиналето во ова натпреварување.
Првиот натпревар се игра во Атина, додека нашиот тим ќе биде домаќин на реваншот, а Охрид ја информираше јавноста дека на двата дуели нема да биде дозволено присуство на гостински навивачи.
„Почитувани симпатизери, навивачи на ГРК Oхрид и љубители на ракометната игра! Имајќи ги предвид немилите настани кои се случија за време на одигрувањето на финалниот натпревар во ЕХФ Купот во натпреварувачката сезона 2024/25 кој требаше да се одигра во Скопје помеѓу екипите на РК Алкалоид од Македонија и АЕК од Грција, а кој поради веќе познати причини не беше одигран, Ве информираме дека по барање на Европската ракометна федерација, ГРК Охрид и Олимпијакос по меѓусебната комуникација овие минати денови, а со цел да биде избегната ситуација слична или иста на онаа од минатата година, заеднички одлучија дека двете екипи нема да вршат продажба на билети на гостински навивачи и симпатизери на натпреварите на кои ќе се јават како организатори од четврт-финалната фаза на ЕХФ Европскиот Куп“, стои во објавата на Охрид.
ГРК Охрид ќе биде домаќин на вториот четвртфинален натпревар, на четврти април со почеток од 18.00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.