Македонската ракометна репрезентација влегува во завршна фаза од подготовките за настап на Светското првенство кое ќе се одржи во три земји. Нашите ракометари ќе играат во Варждин, а во групната фаза ќе ги одмерат силите со Унгарија, Холандија и Гвинеја. Првите три селекции одат во главната рунда, што пак е главна цел на „црвено-жолтите“.
„Веќе сме во завршна фаза од подготовките, можам да кажам дека целиот тим е спремен за предизвиците кои не очекуваат на Светското првенство. Одиме да се бориме, нашата цел е да се пласираме во главната рунда, а потоа ќе одиме чекор по чекор.
Унгарија и Холандија имаат различен стил на игра за разлика од Гвинеја. Играта на Унгарците повеќе се темели преку пивотите и со шутеви, додека Холандија на игра „еден на еден“, станува збор за побрза репрезентација. Треба да бидеме максимално сконцентрирани на двете средби, да не губиме надеж, секогаш има шанса.
Јас верувам дека можеме да пласираме во главната рунда, одиме на победа на секој натпревар, ќе оставиме срцето на терен и па што биде нека биде“, вели Марко Митев од кого се очекува да биде еден од главните лидери во нашата нова генерација.
Главна желба на сите во тимот е да има голем број македонски фанови во Вараждин Арената, дел во 2018 година на ЕП ја почувствуваа таа амтосфера.
„Се надевам дека во Вараждин атмосферата ќе биде како на Европското првенство во 2018 година и фановите ќе дојдат во голем број, а ние ќе се чувствуваме како да играме на домашен терен, тие се нашиот осми играч и најважна поддршка на теренот. Знаат како да не понесат на секој натпревар“.
Нашите ракометари добија два дена одмор, по што на 8. јануари заминуват за Хрватска. Истиот ден ќе одиграат пријателски натпревар против истоимената репрезентација.