Ракомет

Лигата на шампионите проширена на 24 екипи, ЕЛ ќе има 32 тима!

Лигата на шампионите проширена на 24 екипи, ЕЛ ќе има 32 тима!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) усвои значајна реформа во своите најпрестижни машки клупски натпреварувања.

На состанокот на Извршниот комитет во Виена, беше одлучено дека од сезоната 2026/27, Лигата на шампионите ќе се прошири на 24 екипи, додека Европската лига ќе брои 32 екипи и ќе започнува директно со групна фаза.

Новиот систем на ЕХФ Лигата на шампионите ќе вклучува шест групи со по четири екипи, кои ќе играат во форма на двокружен систем (дома и на гости). Првопласираните и второпласираните од секоја група ќе продолжат во главната фаза, додека третопласираните и четвртопласираните ќе се преселат во Европската лига.

Во главната фаза ќе настапат 12 екипи поделени во две групи од по шест, со ист формат – натпревари дома и на гости. Четирите најдобри екипи од секоја група ќе обезбедат место во четвртфиналето, а победниците од тие двобои ќе патуваат на завршниот турнир во Келн, традиционалната ракометна престолнина. Двете екипи што ќе завршат на петтото место во главната фаза, исто така ќе продолжат да играат – тие ќе се приклучат на осминафиналето на Европската лига.

Европската лига ќе започне директно со групна фаза од 32 екипи, поделени во осум групи од по четири. Ќе нема квалификациски рунди, што ќе ја зголеми динамиката и интересот уште од самиот почеток. Првите две екипи од секоја група ќе се пласираат во плеј-оф фазата, која ќе се игра со елиминации во два натпревара (дома и на гости). Во оваа фаза ќе им се придружат и 12 екипи од Лигата на шампионите (оние што ќе завршат трети и четврти во групната фаза).

Победниците од плеј-офот – вкупно 14 тима – ќе им се придружат на двете екипи што ќе завршат петти во главната фаза на Лигата на шампионите, со што ќе се комплетира осминафиналето. Потоа натпреварувањето ќе продолжи кон авршниот настан на Европската лига.

Конечната распределба на местата по земји за двете натпреварувања ќе биде дефинирана на декемвриската седница на Извршниот комитет на ЕХФ.

Дополнително, федерацијата потврди дека слична реформа за женските клупски натпреварувања ќе биде воведена од сезоната 2027/28.

To top