По загубениот натпревар од еден од фаворитите за континенталниот трон, коментар за одиграното имаше селекторот Кирил Лазаров
„Можам да кажам слободно дека, иако е тешко да се каже кога ќе загубиш, макар и со 12 разлика од Данска, јас сум задоволен од момците како се бореа и како се поставија против најдобрата селекција во свет во последните десет години. Добро ги анализиравме, слаби страни малку имаа. Добро го спремивме мечот, но вакви случаи им се случуваат и на многу подобри репрезентации од нас. Мора да бидеме задоволни и да извлечеме добри поуки од овој натпревар. Мислам дека добро изротиравме со стручниот штаб, им дадовме шанса нас ите 16 играчи затоа што ритамот е пеколен и мора да ги дочекаме следните два меча целосно спремни.
Немаме многу време, имаме само еден ден за одмор и рехабилитација и да го спремиме мечот со Португалија. Се надевам дека со Португалија ќе бидеме во подобро светло. Данска за помалку од секунда стигнуваше до гол и погодуваше, но многу поискусни селекции од нас не успеале да држат таков ритам 60 минути или да го соборат и да победат. Лошо го почнавме мечот со 3-4 технички грешки, тука ни се одлепија. На позициска одбрана, ја натеравме Данска да не напаѓа со „седум на шест“, тоа е голем плус за нас, тимот ретко напаѓа така затоа што има врвни напаѓачи. Одбраната беше добра, иако не сакам јавно да зборувам за играчите да не сео пуштат на следните мечеви. Да напаѓаш против една Македонија со „седум на шест“, тоа нешто значи. Се надевам дека ќе бидеме поборбени и поквалитетни со Португалија“, започна предводникот на Македонија.
Меѓу другото, селекторот се осврна и на отсутните Жарко Пешевски и Никола Митревски.
„Митревски и Пешевски имаа ситни проблеми со повреда и доста разговаравме и размислувавме со нашиот медицински и стручен штаб и со тренерите, исто така и со играчите. Се надевам дека за овие два дена ќе успееме да ги рехабилитираме затоа што ни се потребни и со нив ќе бидеме за неколку проценти подобри и поискусни. Да беа здрави, ќе беа во состав, затоа што тие се одлични играчи, имаат добра сезона. Иако времето не ни е сојузник, се надевам ќе ги имаме и доволно рехабилитирани“.
За крај, селекторот се осврна и на следниот предизвик, односно дуелот со Португалците кој ќе биде клучен во борбата за втора фаза.
„Португалија играше полуфинале на СП со Данска и со Франција се бореа за подиум. Самите нивни изјави кажуваат дека се дојдени да освојат медал, но и да се борат за златото.
Ја имаат таа самодоверба, Спортинг во последните години игра добро од ЛШ, имаат играчи од Барселона. Се работи за воигран тим, во зрели години. Тие се на голема сцена, играчите се на цена, ги бараат најдобрите во светот. Сакам да проработи инаетот и да дадеме се што имаме од нас во тој меч, да пробаме да одиграме добро. Мора да бидеме реални, тие се огромни фаворити. Но, со нашиот менталитет и карактер, од стручен штаб па се до играчи, ќе пробаме да бидеме подобри од овој дуел со Данска и да бидеме поконкурентен“, заклучи селекторот Лазаров.