Македонскатамашка ракометна репрезентација забележа уште една победа во подготовките за Европското првенство, па по Црна Гора ја совладавме и Грција на дуелот што се одигра во Скопје.
Ова за нашиот тим беше прва средба на домашен терен и во истата имаше позитивни и негативни работи, поточно селекторот Кирил Лазаров верува дека екипата може да одигра на повисоко ниво.
-Имавме квалитетен противник, веќе одредено време покажуваат квалитет, знаат да добијат врвни репрезентации. Почнавме во грч, импресионирани, јас секогаш велам дека нашата публика ни е голема поддршка, но и знае да донесе најголем притисок, бидејќи знаете дека тука немате право на грешка. Тој почетен притисок го поминавме, се консолидиравме. Делумно сум задоволен од прикажаното, мислам дека можеме да играме подобро за одреден процент, имавме проблеми бидејќи ги загубивме Пешевски и Никола Маркоски, кои верувам дека ќе можат да ни помогнат на ЕП, – истакна Лазаров кој даде коментар за групата која не очекува на шампионатот, соочувањата со Франција, Германија и Швајцарија.
-Ние во првото коло ќе играме со најдобрата репрезентација во светот (Франција), тие се олимписки првац, што е најтешко нешто во светот на спортот. Заедно со Данска се најдобрите репрезентации. Се подготвуваме за тој двобој, ќе пробаме да го дадеме најдоброто од себе. Веруваме во добра игра, ама ќе зависи од Франција, каков пристап ќе имаат на тој прв натпревар. Физички се доминантни, ги познавам бидејќи до пред една година играв со голем дел од нив. Ќе имаме тешка работа, тука ни е и домаќинот Германија. Меѓутоа може многу да се добие, може многу да се научи, тоа ќе биде големо искуство за нашата млада репрезентација, -порача селекторот.