Ракомет

Лазаров: Одиме чекор по чекор

Лазаров: Одиме чекор по чекор

Ракометниот клуб Алкалоид работи со полна пареа и се подготвува за новата натпреварувачка сезона.

Тренерот на тимот Кирил Лазаров, активно работи играчирвиот дел од подготовките каде тренерот е задоволен од засега прикажаното.

„Ние од формирањето на клубот голема шанса даваме на македонските играчи, тоа ни е целта, стратегијата и амбицијата – тоа е произведување на македонски играчи. Во тој процес мора да сме трпеливи затоа што е тежок и најтешко е кога треба да создаваш, ама во исто време и да победуваш, затоа што тимот е таков, победнички. Се наоѓаме пред третата сезона по ред во Суперлигата и мислам дека од сезона во сезона напредуваме во секоја смисла. Нормално е да си одат играчи низ годините, а нови да доаѓаат, тоа е природната селекција. Се надевам дека оваа сезона ќе бидеме поквалитетни со играчкиот кадар во кој имаме четири нови имиња.

Добиваме доста на голманската позиција со Марко Кизиќ кој е стандарден репрезентативец, кој ќе го имаме заедно со Галевски и Трајковски кои исто така се квалитетни. Исто така и на десната крилна позиција каде го добиваме искусниот Никола Костески, што ни беше потребно затоа што таму имавме само млади имиња, Михаил Ивановски заслужува да го носи дресот на Алкалоид како млад и потенцијален играч, а со нас тука е и португалскиот новајлија Франциско Оливеира да Силва. Се работи за поливалентен играч, бек кој со своите карактеристики можеби ни недостасуваше во тимот. Се надевам дека ќе се вклопи брзо во тимот и ќе биде дополнителна вредност во нашиот ростер.

Ние ќе одиме чекор по чекор. Знаеме деа конкуренцијата е силна. Нашите конкуренти се засилуваат, македонското првенство станува силно. И тоа ме радува, затоа што потребна ни е таква лига за да расте и нашата екипа. ЕХФ Купот ќе биде едно ново искуство за нас. Минатата година бевме во Европската лига, ја почувствувавме сласта на победата, како и на нерешениот исход. Во борба сме за четири трофеи оваа сезона – Суперкупот, Купот на Македонија, првенството и ЕХФ Купот, но нема да брзаме никаде. Не чекаат многу предизвици оваа сезона и ќе тежнееме да бидеме се подобри“, изјави Лазаров за подготовките.

Екипата ги заврши тренинзите во Скопје и сега продолжува на десетдневни подготовки во Маврово. Првиот контролен натпревар на Алкалоид е закажан на 17 август против Врање од Србија.

To top