Селекторот на машката ракометна репрезентација Кирил Лазаров имаше свое јавување од Пазова и откри дека Никола Митревски е последниот кој му се приклучува на тимот, откако првиот голман добил два-три дена одмор после обврските кои ги имаше со својот клуб Порто.
Предводникот на македонската селекција исто така говореше за првиот дел од подготовките и нагласи дека е задоволен од сработеното, иако гледа простор за напредок на физички план.
– Работиме веќе четири дена во Стара Пазова, задоволен сум од тоа што го гледам бидејќи работиме на напад, на одбрана, на полуконтра, на враќањето назад и на физичката кондиција. Максимално го искористивме времето за да одработиме на физички план, бидејќи тука имаме играчи од различни клубови и целта е сите да бидат на исто ниво до почетокот на турнирот. Имаме време до почетокот на ЕП, во овој период не успеавме да најдеме противници и со послаб квалитет, па затоа ќе одиграме два меча меѓу себе, а потоа на 29-ти ќе одиграме натпревар против Црна Гора. Тоа е квалитетен противник, имаат квалитетни индивидуалци и тоа ќе ни послужи добро како прав тест за она што го сработивме во Стара Пазова.
– Потоа следат новогодишните празници, играчите заслужено ќе добијат два дена одмор, по што ќе следат финалните подготовки за Европското првенство во Германија. Делумно сум задоволен од физичката подготовка досега, најголем дел од играчите се од македонското првенство, па има и мал недостаток на кондиција кај играчите кои не играа во Европа. Сепак, ова е колективен спорт и имаме доволно време да одработиме и да бидеме подготвени за стартот ЕП.
– Можам да бидам задоволен од атмосферата во тимот, условите се извонредни, имаме и тим-билдинг и се оди како што треба. Кога имате одлични услови за работа, атмосферата во тимот е на задоволително ниво. Митревски ни се приклучува вечерва во Стара Пазова од Порто, му дадов два-три дена одмор и веќе утре ќе почне со тренажен процес. Од утре сме комлетни и се подготвуваме за предизвикот наречен ЕП, – изјави Лазаров.