Ракомет

Лазаров: Мора да имаме комплетен меч

Лазаров: Мора да имаме комплетен меч

Првиот меч од битката за место во групната фаза заврши со победа од десет гола на бундеслигашот (27-37) и ќе биде доста тешка мисија да се надополни тој минус. Свесен за тоа е и тренерот Кирил Лазаров.

„„Ни следи реваншот во квалификациите за Европската лига со Хановер, за кого не треба да се трошат зборови. Повеќе од осум месеци беше лидер во најдобрата лига на светот, а оваа година е засилен со искусни играчи. Мене ми е жал што загубивме со нереални и неочекувани за мене десет гола разлика. Во сабота е убав ден, затоа што ќе го подигнеме европскиот пехар кој го освоивме лани со македонски тим, кој постои три години во Суперлигата и уште една во Првата лига и кој е базиран на македонски играчи. Не е убаво чувството со минус десет од Германија да дигаме пехар, но ќе се прилагодиме и ќе се обидеме да се израдуваме колку што можеме пред мечот, а на мечот достоинствено да го презентираме македонскиот ракомет. Сакам еден комплетен натпревар, им кажав на играчите дека мора сите да го оставиме срцето на терен заради нас, заради проектот, заради навивачите. Бев малку разочаран, имав непреспиени ноќи, но такви работи се случуваат во спортот. Штета што македонската јавност не можеше да го види на дело тоа како ние одигравме во Германија и дека не заслуживме пораз од десет гола. Хановер влегува во бундеслигашкиот ритам, на секое зошто имаат затоа и за нас ова ќе биде големо искуство. Се надевам дека ќе имаме комплетен натпревар, а како тоа ќе биде, ќе видиме по 60 минути. Колку и ние да се надевавме, се работи за еден супер-квалитетен противник со кого мора да сме перфектни“, изјави Лазаров.

Натпреварот меѓу Алкалоид и Хановер се игра во сабота од 19:30 часот во салата „Автокоманда“, а ќе биде посебен момент за македонскиот тим затоа што ќе го добие ланскиот освоен пехар во Европскиот Куп на ЕХФ кој го освои со победа над АЕК Атина во финалето.

 

To top