Ракомет

Лазаров: Колективот мора да биде наш заштитен знак

Лазаров: Колективот мора да биде наш заштитен знак

Македонската ракометна селекција го одработува последниот дел од подготовките во Скопје, пред да замине за Швајцарија каде ќе ја била формата за претстојното Европско првенство.

Селекторот Кирил Лазаров е задоволен од досегашниот дел од подготовките за континенталниот собир и потенцираше дека пред заминувањето за Швајцарија, каде Македонија ќе одигра три контролни средби, ќе одлучи кои ракометари ќе ги бранат боите на државата на ЕП. Во договор со федерацијата селекторот откри дека на располагање ќе има деветнаесет ракометари.

„Со оглед на здравствената ситуација кај одредени ракометари, не треба да брзаме со конечниот список на патници на Европското првенство. Треба да почекаме да поминат уште овие два-три дена и потоа ќе се одлучи кои ќе настапат на шампионатот. Уште пред подолго време со федерацијата донесовме одлука за Данска да патуваат деветнаесет ракометари, бројка која што ќе биде доволна. Задоволен сум од досегашниот тек на подготовките, имаме позитивна атмосфера во тимот. Пред настапот на ЕП ќе одиграме три контролни средби кои ќе ни послужат за подигнување на формата, затоа што имаме играчи кои што имаат помала минутажа во своите клубови“, рече Лазаров.

Според селекторот Македонија има најмал избор на ракометари од сите селекции учесници на Европското првенство.

„Бидејќи ние сме Македонија, мала земја, изборот на играчите можеби е најмал од сите селекции кои што ќе играат на ЕП. Треба да створиме добар колектив, добар систем кој што ќе функционира и слабостите квалитетно да ги покриеме. Се обидуваме да направиме добра хемија, да функционираме како тим и да живееме за тие предизвици.

Ракометарите се во право кога велат дека е чест, светост и гордост да се носи националниот дрес. И ако така се чувствуваат сигурно дека ќе биде добро.

Ние немаме голем број на поединци кои што ќе можат да изнесат еден ваков вид на турнир и треба да функционираме како тим.

Бидејќи бевме поканети од Швајцарија да настапиме на овој турнир, не бевме во можност да ги бираме противниците, но сигурен сум дека не чекаат квалитетни тестови пред ЕП“, заврши Лазаров.

Европското првенство ќе се игра од 15 јануари до 1 февруари, а наш прв противник ќе биде светскиот шампион Данска.

To top