Машката ракометна репрезентација на Македонија в недела во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, од 19 часот ќе игра за да дополни седум гола негатива по поразот во првиот натпревар од баражот, на гости, со селекцијата на Фарските Острови, со 27-34 (14-18), за пласман на Светското првенство во 2025 година, кое треба да се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка.
– Фарските Острови беа подобар противник на натпреварот и заслужено победија. Ни направија многу проблеми и во нашиот напад, каде што бевме принудени да играме „седум на шест“ доста време, а не сакавме да играме на тој начин. Нивниот напад технички беше речиси перфектен, иако бевме подготвени за нивниот систем на напаѓање, сепак, истите работи поминуваа. Нема да губиме надеж и ќе веруваме докрај. Ќе ни треба поддршка од публиката како никогаш досега. Ќе се бориме и веруваме во позитивен исход в недела – рече селекторот Кирил Лазаров.