Ракометниот клуб Алкалоид по првиот трофеј во Купот на Македонија дојде до нова титула.
„Сините“ од Автокоманда го победија Е.Пелистер во Супер Купот на Македонија кој е увертира за новата домашна сезона.
Првиот стратег на оваа екипа Кирил Лазаров по крајот на средбата им честита на избраниците на неговиот тим за втората победа во низа над големиот ривал и моментално шампион на Македонија во машки ракомет.
„Реалната слика е дека Еурофарм Пелистер е подобра екипа од нас. Одигравме квалитетно, посебно во првото полувреме. Голем хендикеп за нив беше црвениот картон на Кузмановски. Среќен и горд сум на моите играчи. Тешко е да убедиш млади момчиња дека може да се носат со подобри играчи и тоа е најголемата сатисфакција за мене и мојот стручен штаб. Максимален респект кон Еурофарм Пелистер и цела Битола која има одлични навивачи. Голем успех за нас како млад тим“, изјави Лазаров.